Грчкиот министер за надворешни работи, неговите заменици, американскиот амбасадор во Атина, професори, амбасадори, новинари, во грчкото МНР дискутираат за Договорот од Преспа, но не од политички, туку од правен и академски аспект.
МИА од Атина пренесува дека професорите кои учествуваат на конференцијата составена од 4 дела со различни теми, ги разгледуваат практичните, историските, правните, но и економските аспекти на договорот меѓу Македонија и Грција.
Почетокот на конференцијата го означи заменикот министер за надворешни работи Теренс Квик, кој рече дека дискусијата е во рамките на напорите за имплементација на договорот од двете земји и порача дека поглавјето за промена на границите на Балканот треба конечно да се затвори.
„Судбината на балканските народи е заедничка и е единствен начин за решавање на проблемите е соработката и солидарноста. Треба конечно да се затвори болното поглавје за промена на границите“, рече Квик.
Претседателот на научниот совет на грчкото МНР Христос Розакос, кој беше отсутен, но неговиот говор го прочита еден од професорите, вели дека договорот воопшто не е на товар на грчките државни интереси, а со одредбите од договорот ќе започне нов однос меѓу двете држави.
Првата сесија беше посветена на историската и правната позадина на договорот. Конференцијата продолжува со останатите 2 дела, сесиите за прашањата поврзани со имплементацијата на договорот и државјанството и јазикот, а ќе заврши вечерва, со обраќање на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.