Тужбата за клевета на Мијалков за Макрадули падна пред Судот во Стразбур

Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска донесе три пресуди во однос на четири апликации поднесени против Република Македонија.

Како што соопшти Министерството за правда, две од четирите апликации, беа поднесени од Јани Макрадули, и за нив има донесено една пресуда, во која Судот констатира повреда на правото на слободата на изразување.

Ваквата пресуда, во корист Јани Макрадули, е во врска со тужбата на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање, Сашо Мијалков, за јавно изречена клевета.

„Судот во Стразбур утврди дека осудата на Макрадули, значи прекршување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, односно повреда на неговата слобода на изразување“, соопшти македонското Министерство за правда.