Сојузот на стопански комори (ССК) денеска побара да престане укинувањето на донесените детални урбанистички планови, бидејќи, како што рекоа од Сојузот, тоа ја доведува во прашање правната сигурност на инвеститорите, а големи финансиски штети, освен нив, трпат и останатите поврзани сектори, граѓаните кои одлучиле да купат стан, како и банките и државата.
Според Градежната комора на Македонија, со укинувањето на постојните ДУП-ови, практично се укинува високоградбата. Оттаму велат дека инвеститорите ќе престанат да градат и ќе пропаднат, а воедно се ипраќа и сигнал до компаниите, и домашни и странски, никогаш да не инвестираат во Македонија.
„Правната сигурност не смее да се доведува во прашање, ниту да се доведуваат во неизвесност инвеститорите кои немаат никаква поврзаност со донесувањето ДУП-ови или купувачите на недвижен имот и банките што ги дале кредитите врз основа на предимотен лист или хипотеки“, рече на прес-конференција претседателот на Градежната комора Ивица Јаќимовски.