Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска излезе со став дека договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција не се потпира на широк консензус.
Таа на својот Твитер налог објави дека договорот наместо да предизвика обединување, предизвикува раскол во двете земји.
" Решението за името треба да се потпира на широк општествен консензус и беспрекорна уставна основа. Преспанската спогодба не е таков случај. Таа само предизвика дополнителен раскол и во Грција и во Република Македонија", објави Захарова на Твитер.
Захарова минатата недела изјави дека стремежот на НАТО механички да се прошири во Европа не може да ја зацврсти безбедноста, а форсираното вовлекување на Македонија во тој воен блок, само потврдува дека „политиката на отворени врати“ станува самата на себе цел.