Наесен Македонија и Грција ќе потпишат десетина стратешки договори

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, наесен ќе потпишат десетина стратешки договори кои до сега не биле потпишани меѓу двете земји, првенствено поради проблемот со името.

Премиерот Заев денеска го најави потпишувањето на тие договори и информираше дека на последните средби со Ципрас во Брисел и во Лондон имале важни разговори, меѓу кои и за бројните билатерално договори што треба да ги имаат двете соседни земји.

„Разговараме некаде наесен да ги подготвиме договорите што две соседни земји не може да ги немаат како договори, а тоа се Договоот за Заштита на инвестициите, Договорот за отстранување на двојното оданочување меѓу двете земји и многу, многу други договори. Тоа за мене значеше и обврска да пренесам во институциите да почнат со подготовката за билатералната комуникација со Грција“, рече Заев.

Тој додаде дека по спроведување на референдумот во Македонија и ратификација на договорот во грчкиот Парламент, „граѓаните ќе очекуават и да ги видат конкретните ефекти и поволности од овој договор за пријателство и стратешко партнерство со Грција“.