Грчкиот Уставен суд го отфрлил барањето за суспензија на Договорот за името

Грчкиот Уставен суд го отфрлил барањето на грчката „Федерација на културните здруженија на Македонците” и „Пан-Македонските асоцијации на Македонците од дијаспората”, за суспендирање на Договорот од Преспа, објавија грчките медиуми.

Барањето на истите организации за поништување на Договорот за името, како што соопштил Судот, ќе се разгледува на почетокот на декември.

Според судиите, во случај Договорот да не стапи во сила, во целина или секоја од одредбите посебно, тогаш нема да обврзува никоја од страните на кој било начин.

Во однос на писмата од Атина испратени до НАТО и ЕУ, за кои организациите тврдат дека ќе го доведат грчкиот Парламент пред свршен чин, судиите објаснуваат дека од никаде не произлегува дека конкретните процеси ќе завршат пред Договорот да стапи во сила.