Заменик-помошникот државен секретар на САД Мароко на средби во Скопје

Скопје- Заменик-помошникот државен секретар на САД Пит Мароко на средба во владата,17.07.2018

Заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави и шеф на Бирото за конфликти и операции за стабилизација Пит Мароко, кој престојува во посета на Македонија, попладнево во Владата се сретна со претставниците на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот.

Како што информираат од владината прес служба, на состанокот присуствувале националниот координатор Борче Петревски и замениците Џеладин Ајвази и Златко Апостолоски. Тема на разговорот биле приоритетите и иницијативите за спречување на насилниот екстремизам и напорите за зајакнување на регионалната соработка со земјите од Западниот Балкан.

“Мароко, кој е во посета на Македонија во рамки на неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан, упати честитки за чекорите кои земјата ги презема во остварувањето на евроатлантските аспирации, посебно потенцирајќи дека Договорот со Грција е резултат на комплексни разговори и преговори”, се наведува во владиното соопштение.

Македонските и американските претставници споделиле искуства од активностите кои се преземаат за спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам и се согласиле дека надминувањето на овие проблеми се врвни безбедносни приоритети на Република Македонија, информираат од владата.

Истовремено, како многу важна, била оценета соработката со земјите во регионот и вклучувањето на Македонија во регионалните програми за превенција на насилниот екстремизам.

Националниот координатор, соопштија од прес службата, истакнал дека Владата на Република Македонија е посветена на превенцијата и сузбивањето на овие закани со координирана акција и заедничка стратегија со стратешките партнери на Република Македонија, САД, земјите на ЕУ, како и нашите соседи во регионот.