Вучиќ се сретна со Макрон во Париз

Париз- прес конференција на претседателите на Србија и на Франција, Александар Вучиќ и Емануел Макрон, 17.07.2018

Српскиот претседател Александар Вучиќ по денешната средба во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон на прес конференција изјави дека Србија добила поддршка од Франција за постигнување на компромисно решение со Албанците во Косово.

„Постигнавме висок степен на согласност за постигнување на компромисно решение. Мораме да го сочуваме мирот и стабилноста, заеднички да бараме решенија и да гледаме во иднината. Голема и важна е улогата на Франција и на Макрон во целина“ изјави Вучиќ.

Во врска со европскиот пат на Србија, Вучиќ изјави дека Србија не може да влезе во ЕУ, пред да го реши Косовското прашање, реформите во владеењето на правото и другите реформи.

Париз ќе му помогне на Белград во решавањето на најчувствителните прашања на европскиот пат, рече Макрон, додавајќи дека Србија нема никакви шанси да влезе во ЕУ во 2025 година, ако не ги спроведе реформите на Унијата.

„Србија ги започна преговорите со ЕУ. Дадена е 2025 како рамковна година. Треба да гледаме на клучните работи. Доколку ништо не се сработи до тогаш во смисла на реформите и она што се бара од неа во преговорите со ЕУ, Србија тогаш не може да влезе во ЕУ. Доколку Србија ги исполни критериумите и напредува побргу отколку предвиденото, тогаш преговорите можат да бидат заклучени. ЕУ мора да се реформира, заради самата себе” истакна Макрон.