За СДСМ измените се нужни, ВМРО-ДПМНЕ останува на барањата

Архивска фотографија-седница на Собранието на Република Македонија

Владејачката СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно го блокира изборот на Државната изборна комисија, со што го доведува во прашање одржувањето на референдум за македонската иднина. Од опозициската партија, пак, велат дека начинот на СДСМ да ги донесе измените во Изборниот законик се обид за создавање на простор за манипулирање и изигрување на волјата на граѓаните и дека со тоа, СДСМ сака да ги заобиколи демократската процедура и воспоставената демократска пракса, ваквите измени да се носат во консултација и согласност со опозицијата.

“Земајќи ја предвид важноста на моментот за иднината на државата и граѓаните и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, потребата од вакви измени е нужна. Секако, оставаме простор опозицијата на лидерска средба да покаже конструктвност и да се откаже од бојкотот” рече пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа преку соопштение наведувајќи дека СДСМ врши “флагрантна злоупотреба на европското знаме на закони кои не се во согласност со европското право”.

“ВМРО-ДПМНЕ останува на принципиелните барања, востановени и усогласени помеѓу работните групи уште во март за околу концептот за финансирање на политичките партии и влада согласно договорот од Пржино како гарант за создавање демократски услови за изборен процес” наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.