„Го сакам Водно“ не отстапуваат од ставот против гасоводот во парк-шумата

Графички приказ на планираната траса за гасовод низ планината Водно

Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ соопштија дека и покрај средбата со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи и претставници на Кабинетот на градоначалникот на Скопје и на ЈКП „паркови и зеленило“ Скопје, останува на ставот дека е против какви било градежни активности во „Парк шумата Водно“ .

Тие велат дека ја поттикнуваат Владата и нејзините надлежни институции да ги активираат сите свои механизми да го заштитат Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници.

„Доколку искрено се сака да се изнајде најдобрата опција, тоа секако ќе биде направено. Дислокацијата на Клиничкиот центар е скорешен и недвојбен пример за менување на готов проект и изведба. Соодветно решение по овој пример бараме и за гасоводната траса“, се вели во соопштението.