Владата потрошила 179.500 евра за прославата за поканата од НАТО

Прослава во Скопје организирана од Владата за поканата на Македонија во НАТО

Владата соопшти дека за завчерашната прослава „Одиме напред - Македонија во НАТО и ЕУ“ се потрошени вкупно 11.900 евра по град или 179.500 евра на ниво на цела држава.

Според Владата, трошоците за настаните се скромни, по нормални пазарни цени, а компанијата што застана зад организацијата е избрана законски, на тендер, од вкупно три пријавени преку критериум најниска цена.

„За промоцијата на настаните не се потрошени средства за реклами во медиумите, ниту пак се потрошени било какви средства за организиран превоз на публика од едни во други градови. За прославата се ангажирани исклучиво домашни изведувачи со кои биле склучени авторски договори за уметнички трудови, односно за музичко-сценски изведби, а изборот на градови бил определен согласно рамномерна географска застапеност“, соопшти Владата.

Владата ја наведува вкупната сума за реализација на настаните, разложена по ставки.

„Ангажманот на 40-тината домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори во сите 15 градови, како и настапите чинат 75.500 евра, вкупната сума за сцените и сценската опрема е 49.000 евра или околу 3.200 евра по град, а сите останати потреби и услуги за организација на настаните,обезбедување соодветна логистика, 150 редари, технички персонал,заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, чини вкупно, за сите 15 настани во градовите 35.000 евра или околу 2.300 евра по град“, информира Владата.

Ангажманот на лицата за авторски труд, пак, за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видео продукција, визуелизации на бините и постпродукција, чинел 20.000 евра или околу 1.300 евра по град.