Величковски: со прогресивен раст на буџетот за Армијата до стандардите на НАТО

припадници на АРМ во касарната „Чојлија“

„Приоритет на буџетот за Армијата во оваа година е набавка на униформи и чизми. Тендерот е веќе објавен и се очекува да заврши до крајот на годинава и сите припадници да добијат најмалку по два пакета борбена униформа“, изјави началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски во интервју за ТВ Телма. Тој рече дека Буџетот за армијата како стандард во НАТО е дефиниран на 2 отсто од БДП, а буџетот на Одбрана и на Армијата во минатите години бил приближно на ниво од 1 отсто. „Најавено е тој прогресивно да расте со цел да го достигнеме стандардот на НАТО. Верувам дека тоа ќе се случи што ќе овозможи развој, обука и одржување на борбената готовност на рамниште кое ќе биде потребно како земја-членка на НАТО“, истакна Величковски.