Димитров очекува Македонија кон средината на 2019 да стане членка на НАТО

Министерот за надворешни работи Никола Димитров

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека Македонија кон средината на следната година може и формално да стане 30. земја-членка на НАТО, доколку сите други процеси се одвиваат како што треба. Тој во интервју за Еуро Вестерн Балканс посочува дека станува збор за технички процес.

„Но, тој исто така е поврзан со исполнување на нашите обврски од Договорот со Грција. Ни претстои референдум и процес на измена на Уставот. И откако ова биде финализирано, ќе може да ги потпишеме протоколите за пристапување, кои потоа ќе бидат ратификувани во Парламентот на Атина и во другите земји-членки. Ако работите одат добро во прашање се месеци. Можеби кон средината на следната година ќе бидеме формално 30 земја-членка на НАТО“, изјави Димитов.

Во врска со неговите очекувања од референдумот Димитров смета дека граѓаните ќе го поддржат договорот, бидејќи, како што рече, со него е покриен најсензитивниот дел, идентитетот и јазикот. Референдумот, според него, ќе биде голем предизвик кој во голема мера ќе зависи од опозицијата и начинот на кој таа ќе постапи.