Поканата од НАТО ќе се слави в сабота во 15 градови

Премиерот Зоран Заев од Брисел најави прослава во 15 македонски градови в сабота по повод поканата од НАТО за членство на Македонија во Алијансата.

„Ја добивме поканата да станеме сојузник на најсилните земји на светот. Ова е покана за полноправо членство во најголемиот сојуз за мир и безбедност на меѓународната сцена. Дочекавме уште еден голем ден. Ги остваривме нашите заеднички страшетки цели, нашите заеднички сонови и надежи. Да продолжиме да чекориме до следната голема одлука кога повторно ќе кажеме “да” за нашата иднина и за македонската иднина. Ве повикувам во сабота, на 14 јули, да прославиме заедно во градовите низ Македонија. Владата подготвува прослави во 15 градови каде што со домашна музика ќе си честитаме затоа што одиме напред, Македонија влегува во НАТО и чекори кон ЕУ“, изјави Заев во своето обраќање до граѓаните.

На вчерашниот прв ден од Самитот на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг ја потврди поканата за нашата земја и рече дека Македонија ќе стане 30. членка на НАТО кога ќе бидат завршени сите национални процедури и договорот за името со Грција ќе биде комплетиран.