Турскиот потпретседател и новите министри положија заклетва

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине

Првиот потпретседател на државата во историјата на Турција, Фуат Октај и министрите во новата турска Влада денеска положија заклетва пред членовите на Собранието во Анкара. Потпретседателот Фуат Октај досега беше советник во Кабинетот на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Од лидерите на парламентарните партии на церемонијата присуствуваше само Девлет Бахчели, првиот човек на Партијата на националистичкото движење (МХП), која на јунските избори беше коалициски партнер на Партијата за правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Првата седница на новата Влада, која Ердоган ја именуваше синоќа, е закажана за в петок, а еден ден претходно предвидено е да се спроведе избор на претседател и потпретседатели на Парламентот.

Новата Влада има 16 министри, од кои само четворица беа членови и на претходниот владин Кабинет.

Во меѓу време, Ердоган денеска објави нов указ со кој си даде овластување да го именува гувернерот на Централната банка на Турција. Мандатот на гувернерот се скратува од сегашните пет, на четири години.