Отворање перспективи за продлабочување на економската соработка со Кина

Премиерот Зоран Заев се сретна со кинескиот премиер Ли Кечијанг на маргините на 7. Самит на шефови на влади од процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1), што вчера се одржа во Софија на 7 јули 2018

Ги отвораме перспективите за продлабочување на економската соработка со Народна Република Кина и сакаме да соработуваме на проекти кои ќе придонесат за инфраструктурен и економски развој на земјата.

Ова го истакнал премиерот Зоран Заев на средбата со кинескиот премиер Кечијанг на маргините на 7. Самит на шефови на влади од процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1), што вчера се одржа во Софија. На средбата присуствувале и делегации на владите на двете земји.

Шефот на македонската Влада ја нагласил значајната поддршката што кинеската влада ја дава во напорите за забрзување на изградбата на двата автопата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев ја потенцирал важноста на поддршката којашто во континуитет НР Кина ѝ ја дава на Република Македонија од независноста до денес, додавајќи дека нашата земја продолжува да ја поддржува политиката на една Кина.

Македонскиот премиер на средбата информирал дека процесот за воспоставување безвизен режим меѓу двете земји е во завршна фаза и посочил дека очекува да се зголеми движењето и комуникацијата помеѓу граѓаните на двете земји, што ќе резултира со развој на туризмот, поголема културна соработка, поврзување и воспоставување поблиски релации.