Почна операцијата за спасување на тајландските деца од пештерата

Спасувачите во Тајланд ја почнаа операцијата за евакуација на 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер од една пештера каде што се заробени повеќе од две недели.

„Времето е убаво. Нивото на водата е добро. Нуркачите се спремни. Момчињата се физички, емоционално и ментално подготвени да излезат“, рече гувернерот на провинцијата Чианг Раи, Наронгсак Осотанакорн, кој ги предводи спасувачките напори.

Властите велат дека во операцијата земаат учество „нуркачи од целиот свет, претежно од Европа“ и оти секое момче ќе биде придружувано од двајца нуркачи додека постепено ги извлекуваат.

Операцијата може да трае три до четири дена и зависи од времето, велат вклучените.

Момчињата и нивниот тренер ја истражувале пештерата на 23 јуни, кога поради поројните дождови им беше пресечен патот за излегување.