Новинар на Би-Би-Си дрогиран и ограбен за време на Светското првенство во Русија

Илустрација: Англиски навивачи во Волгоград

Новинар на Би-Би-Си кој известува од светското фудбалско првенство во Русија наводно бил дрогиран и ограбен во Москва, пренесуваат руските новински агенции, повикувајќи се на неименувани извори. Московската полиција соопшти дека британски државјанин побарал лекарска помош во Москва по инцидент што се случил денеска во раните утрински часови. Тој ѝ кажал на полицијата дека додека чекал такси околу 3:30 по полноќ испил кафе кое му било понудено од непознати луѓе во возилото по што се онесвестил. Кога се разбудил, забележал дека е ограбен. Полицијата не соопштува други детали за Британецот, но државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименувани полициски извори, објави дека жртвата е новинар на Би-Би-Си кој известувал од Светското првенство во Русија.

Московската полиција го истражува случајот.

Од Би-Би-Си за Интерфакс го потврдиле инцидентот, но рекле дека новинарот сега е добро и продолжува со својата работа.

Британскиот Форин офис предупредува дека е можно „зачинување“ на пијалаците, што може да доведе до грабеж во Русија, која се труди да го прикаже своето најдобро лице за време на престижниот фудбалски шампионат. Се случува ситен криминал, но повеќето посети на Русија се без проблеми, се наведува во советот од британскиот Форин офис.