Германски претставници и Трамп си разменуваат критики пред Самитот на НАТО

Архивска фотографија: Германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Доналд Трамп

Високи германски претставници изразуваат остри критики за американскиот претседател Доналд Трамп во пресрет на Самитот на НАТО наредната недела, откако Трамп најави дека ќе изврши притисок врз Германија и другите европски земји да ги зголемат трошоците за одбрана.

На еден од митинзите во САД, Трамп рече дека Американците се „будали“ кои плаќаат голем дел од сметката за одбрана на Германија и на НАТО. Тој, од митингот во Монтана, директно ѝ се обрати на германската канцеларка Ангела Меркел:

„Знаете Ангела, ние ве штитиме и тоа ви значи многу повеќе на вас, бидејќи не знам колкава заштита добиваме ние со тоа што ве штитиме вас“, рече Трамп.

Тој ја обвини Меркел дека купува руски нафта и гас за „милијарди и милијарди долари“ додека бараат од САД да ја заштитат од руската војска и дека Американците се „будалите“ кои плаќаат за тоа.

НАТО постави цел земјите членки да издвојуваат по 2 проценти од БДП-то за одбрана, но ретко која европска земја го почитува тоа и трошат многу помалку. САД трошат 4 проценти од БДП-то за одбрана.

Шефот на германската про-бизнис партија Слободни демократи, Кристијан Линдер, во интервју за Дојчландфунк изјави дека не му верува на Трамп.

„Тој е многу променлив... За 24 часа, господинот Трамп може да ги смени своите позиции за 180 степени“, рече тој, иако предупреди на растечкото антиамериканско чувство во Германија, нагласувајќи дека САД остануваат најблизок германски сојузник.

Шефот на Безбедносната конференција во Минхен, Волфганг Ишингер, кој е и поранешен германски амбасадор во Вашингтон, во интервју за Ди Велт, рече дека е можно Трамп да не го потпише коминикето од Самитот на НАТО на 11 и 12 јули во Брисел, како што направи на неодамнешниот Самит на Г7. Сепак, и покрај критиките за Трамп, тој рече дека трансатлантскиот сојуз е во најдобра форма во изминатите години.

Трансатлантскиот координатор на владејачката коалиција на канцеларката Ангела Меркел, Питер Бејер, во изјава за медиумите рече дека постои загриженост за тоа што државите од НАТО не биле вклучени во планирањето на Самитот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин на 16 јули во Хелсинки.

„Постои голема загриженост во Алијансата за договорот што може да го постигнат Трамп и Путин“, рече тој.

Бејер рече дека неодамнешниот Самит на Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Сингапур ги засилил стравувањата дека може да се случи нешто слично и на средбата со Путин.

„Ким само даде ветувања досега. Не знаеме дали престанал да збогатува ураниум. Само Трамп го оцени Самитот како успех“, рече Бејер, кој е член на партијата на Меркел.