Заев: Летово ќе се работи на ребаланс на Буџетот, растат приходите

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев на попладневниот дел од седницата за пратенички прашања, изјави дека во текот на летото ќе се работи на ребаланс на Буџетот, дополнувајќи дека е среќен што приходите во државната каса растат.

"Онака како што е поставен Буџетот, среќен сум што растат приходите. Податокот од денеска покажува дека наплатата на ДДВ во Буџетот во јуни годинава споредено со јуни 2017 е 54 проценти. Но, ова е само овој месец. Добро е што ДДВ во првиот квартал е зголемено за осум проценти, ова е економијата, и тоа ќе значи дека ќе имаме повеќе пари и тие ќе треба да се враќаат назад на граѓаните", рече Заев.

Пратениците од опозицијата упатија критики за состојбата и растот на економијата, го критикуваа намалувањето на цената од струјата од 0,1 отсто, а побараа одговор и дали Владата преку Регулаторната комисија за енергетика ќе овозможи намалување на цената на нафтените деривати.

" За струјата сите вие тврдевте дека со новиот Закон за енергетика ќе покачи струјата дека ќе биде на штета на граѓаните. Факт е дека струјата не се покачи, напротив цената минимално се намали, јас би рекол остана иста. Таа ќе биде уште и подобра. За дизелот е 63,5 денари за литар и тој исклучително зависи од цената на нафтата на берзите. Методологијата не е сменета, таа е иста последните десет години", рече Анѓушев.

Вицепремиерот наведе и дека во првиот квартал годинава во државава има 235 милиони евра директни странски инвестиции, повеќе од кој било квартал од 2008 година досега и повеќе од цела 2017. Потпишани се 17 договори за фабрики што веќе се градат или ќе се градат. - "Економијата навистина заживува и заради тоа што ако порано беа поддржани само 23 компании со државната помош сега веќе таа бројка е многу поголема", рече Анѓушев.