Премиерот Зоран Заев им порача на пратениците од опозицијата дека можат да пукнат што не го решиле спорот со името со Грција додека биле на власт и не ја внеле Македонија во ЕУ и во НАТО. Тој одговарајаќи на пратенички прашања во Собарнието, изјави дека сите потези што ги повлекол, биле во интерес на граѓаните и за иднината на земјава
До неговиот коментар дојде откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски ги нарече предавници премиерот Заев и пратениците од парламентарното мнозинство.
„Вие најдовте да зборувате за патриотизам и неморални постапки. Заради коцка и комар од мене земавте пари, а денеска вие зборувате за патриотизам. Вие што ја опљачкавте Македонија за 5 милијарди евра. Сета ваша ништожност покажува каков карактер сте. Вие кои ја уништивте Македонија, вие ќе зборувате за вредности и државност. Со сите аморални аспекти се дрзнавте безобразно да зборувате и да навредувате. Вбризгувате омраза кон народот“, рече Заев.
Претходно Заев ги повика пратениците од опозицијата заедно да се израдуваат на, " убавата вест дека Македонија доби датум за почеток на преговори во јуни 2019 година".
„Убаво е некогаш заедно да се израдуваме на позитивни одлуки за Македонија. Мислам дека е дегутатно до ден-денеска да се негира фактот дека Македонија доби датум за преговори“, изјави Заев, одговарајќи му на Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ кој праша дали Македонија навистина добила датум за почеток на преговори за влез во ЕУ, констатирајќи нереализирани проекти.
Според Заев, доказ за добиениот датум е тоа што скрининг процесот во Македонија ќе почне на 17 јули. Тој дополни дека доказ оти датумот е добиен, е и тоа што Европскиот совет никогаш повеќе нема да се навраќа на Македонија да утврдува датум за преговори.