Дачиќ: Нема да кажам која земја го повлече признавањето на Косово

Архива: Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека на 27 јуни добил нота од страна на една држава дека ќе го повлече признавањето на независноста на Косово, но дека нема да каже која земја е во прашање се додека официјалната нота не дојде до најблиската српска амбасада.

Дачиќ на вонредна прес-конференција го покажа документот за кој тврди дека е нота на една држава, која ја добил на мејл на 27 јуни, во која се наведува дека таа земја го повлекува признавањето на едностраната прогласена независност на Косово.

„Не сакам да кажам која земја се повлече, до понеделник (властите во Приштина) нека се обидуваат да ја пронајдат, рече Дачиќ и вети дека ќе каже за која земја се работи кога официјалната нота дојде до најблиската српска амбасада, што се очекува да се случи во понеделник или вторник.

Дачиќ рече дека земјите кои го повлекуваат признавањето на независноста на Косово се подложени на голем притисок и дека, каде и да оди, одат и претставници на властите во Приштина.

Дачиќ, на министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли му порача во следните две или три дена да се обиде да дознае која е земјата која го повлече признавањето.