Договорот за името пак во Собранието на 5 или 6 јули

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска изјави дека на 5 или на 6 јули ќе биде закажана собраниската седница на која треба повторно да се гласа за Договорот со Грција за името.

„Потоа, доколку по втор пат претседателот на државата не го потпише указот и тоа помине во пракса, ќе се употреби исто решение и за Договорот, но и за Законот за употреба на јазиците. Едно од решенијата е тие да бидат испратени во Службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов“, рече Џафери.

Сепак, тој остава простор Иванов да се премисли и да го потпише Договорот, во овој, како што наведе, историски момент за државата.

Џафери потенцираше дека Собранието мора да ги спроведува своите одлуки и оти сите кои имаат дилеми за законите можат да достават иницијативи до Уставниот суд.