Ердоган нема да ја продолжи вонредната состојба во Турција

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, се договорил со неговите владини партнери да не ја продолжуваат вонредната состојба во земјата, која истекува во јули, објави „Сабах“.

Вонредната состојба беше воведена по неуспешниот државен удар во 2016 година и беше продолжувана на секои три месеци.

Ердоган во предизборната кампања изјави дека таа ќе биде укината ако победи на изборите, кои се одржаа минатата недела и на кои Ердоган го обнови својот претседателски мандат, а неговата Партија на правдата и развојот со партнерите освои мнозинство во парламентот.

Турција за неуспешниот државен удар го обвини исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој е во егзил во САД, и ги негира обвинувањата за пучот.