Драган Павловиќ Латас бара „бомбите за Тревник“ да не се пуштаат јавно

Новинарот Драган Павловиќ - Латас и неговите браќа Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ, обвинетите во случајот „Тревник“ на СЈО, денеска во Кривичниот суд се изјаснија дека не чувствуваат виновни за бесправната градба на три објекти во Зелениково.

Според обвинението, „тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри“.

Според доказите на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, „овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле завршени“.

Одбраната на Павловиќ побара јавноста да не биде присутна кога во судница ќе се пуштаат снимките од прислушуваните разговори поврзани со случајот „Тревник“.