Ердоган: се е подготвено за новиот претседателски систем

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ердоган доби нов претседателски мандат уште во првиот круг

Реџеп Таип Ердоган и неговата владејачка Партија на правдата и развојот победија на претседателските и на парламентарните избори што вчера се одржаа во Турција. Тоа беше нивниот најголем изборен предизвик во измината деценија ипол од кога се на власт во таа земја.

„Претседателот на Централната изборна комисија само што изјави дека Ердоган е победник на изборите со апсолутно мнозинство“.

Ова го им соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на насобраните приврзаници пред седиштето на неговата партија во Анкара.

Претходно државната телевизија јави дека со 99 насто од пребројаните гласови, Ердоган имал 52,5 проценти, додека неговиот главен ривал Мухарем Инче 31 насто.

„Почнувајќи од утре, ќе почнеме да работиме на исполнување на ветувањата што му ги дадовме на нашиот народ. Ние во голема мера ги завршивме подготовките за новиот претседателски систем“.

64 годишниот Ердоган добива ново помоќно извршно претседателство што беше изгласано на минатогодишниот референдум.

Критичарите велат дека тоа дополнително ќе ја поткопа демократијата во оваа земја-членка на НАТО и оти го зацврстува владеењето на еден човек.

Веднаш по изборите Ердоган во Истанбул предупреди да не се става под сомневање неговата победа:

„Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли сенка врз резултатите и да и наштети на демократијата за да го скрие сопствениот неуспех“.

Главната опозициска Републиканска народна партија веднаш не го призна поразот.

Но, иако соопшти дека Ердоган нема да победи уште во првиот круг, таа најави дека едноставно ќе ја продолжи својата демократска борба „без оглед на резултатот“.

Во Турција истовремено се одвиваа и парламентарни избори.

Според првичните неофицијални резултати, владејачката Партија на правдата и развојот победи со 42 насто, додека опозициската Републиканска народна партија имала 23 проценти од гласовите.

Одѕивот и на претседателските и на парламенатрните избори бил 87 насто.

Турција ги одржа изборите во вонредна состојба, објавена по неуспешниот воен удар во јули 2016 година.

Ова состојба ограничува некои слободи и и овозможува на владата да го заобиколи парламентот со декрети.

И Ердоган и Инче ветија дека ако победат на изборите ќе ја укинат вонредната состојба во земјата.