Честитки од Меј, Ќе има ли бегалски кампови, Турција го возвраќа ударот, Иранки на фудбал...

МАКЕДОНИЈА / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската премиерка Тереза Меј му го честиташе постигнатиот договор помеѓу Македонија и Грција, како и неговата ратификација во македонското Собрание. Меј додава дека потпишувањето на договорот ќе им донесе енормни придобивки и на двете земји.

МАКЕДОНИЈА - Во Македонија нема да се градат бегалски кампови, дециден беше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој одгoвараше на новинарски прашања по средбата со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

МАКЕДОНИЈА - Истражувањето Процедурите на вработување во администрацијата на централно и локално ниво по изборите на Платформата на граѓански организации за борба против корупција, покажува дека вкупно 86 отсто од вработувањата во институциите пред изборите се службеници, додека 94 проценти од вработувањата по изборите се директори. Истражувањето покажува и дека пред избори се вработуваат службеници, а по избори се вработуваат директори.

РУСИЈА / МАКЕДОНИЈА - Проширувањето на НАТО не ги решава безбедносните проблеми, туку креира нови линии на поделби, изјави заменик министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко во одговор на прашањето на руската новинска агенција Интерфакс за последиците од можното македонско влегување во НАТО.

ГРЦИЈА - Грчките власти го ослободија од притвор пратеникот на екстремно десничарската партија Златна зора, Константинос Барбарусис на кој ќе му се суди за повикување на државен удар во земјата. Тој беше уапсен откако во парламентот, за време на дебатата за грчко-македонскиот договор за името, повика војската да го уапси грчкото раководство.

ТУРЦИЈА - Како одговор на американските царини за челик и алуминиум, Турција воведува увозни царини за повеќе од 20 американски производи. Тука спаѓаат дури и креми за заштита од сонце, па се до автомобили.

КАНАДА - Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека конзумирањето на марихуаната за рекративни цели ќе се легализира од 17 октомври.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша указот со кој се става крај на раздвојувањето на семејствата на мигрантите кои незаконски влегуваат во Соединетите држави преку мексиканската граница. Никогаш не сакав семејствата да бидат раздвоени, изјави Трамп.

ИРАН - За првпат од 1979 година, жени беа примени на стадион во Техеран, Иран, да гледаат фудбал заедно со мажи, објави Ал Ахрам.