Белград и Приштина во кавга за признавањето на Косово од Либерија

Архивска фотографија- министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ

Министерот за надворешни работи и потпретседател на Владата на Косово, Беџет Пацоли информира дека попладнево разговарал со Владата на Либерија, која ја демантирала информацијата објавена од шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ дека таа земја го повлекла признавањето на независноста на Косово.

“Штотуку зборував со Владата на Либерија и ми потврдија дека Либерија го нема повлечено признавањето на Косово. Ние ќе се спротивставиме на ваквите дејствија”, објави Пацоли.

Претходно, српските медиуми јавија дека министерот за надворешни работи на Либерија, Гбезонгар Милтон Финдлеј, му предал денеска на првиот потпретседател на српската Влада и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, нота за повлекување на признавањето на независноста на Косово, додека трае дијалогот меѓу Белград и Приштина. Дачиќ рече дека одлуката на Либерија е многу важна бидејќи покажува дека процесот и дијалогот уште траат.