Владата ги осуди насилството и говорот на омраза на протестите

Владата на Република Македонија најостро ги осудува насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои имаат за цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните на земјата. Владата во денешното соопштение наведува дека категорично, согласно овластувањата и законите ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност.

Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот што следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите кои се шират преку социјалните мрежи, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Од Владата посочуваат дека сега е моментот сите политички субјекти кои постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност.

Од Владата истакнуваат дека секој кој ги повикува граѓаните на насилство, има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична, во согласност со кривичниот законик.

Конечниот договор за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, за Владата на РМ, како што е наведено во соопштението, е почетокот на реалната и целосна интеграција на Македонија, најпрво во НАТО, а потоа и во Европската Унија.