Грчки медиуми јавуваат дека Коѕијас ќе објави доверливи документи за името

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во посета на Македонија во март, годинава

Грчки медиуми повикувајќи се на владини извори јавија дека по наредба на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, околу 30 доверливи документи поврзани со преговорите за името ќе се декласифицираат. Коѕијас, според медиумите, денеска ќе ги објави документите на расправата во Парламентот.

За информацијата не постои официјална потврда, а според натписите, станува збор за документи кои откриваат како преговарале претходните грчки влади, на што се согласиле и што предложиле.

Во грчкиот Парламент во меѓувреме почна третиот дел по поднесеното барање од Нова демократија за гласање недоверба на Владата. Договорот со Македонија е во фокусот на дискусија на грчките пратеници.