Попладнево започнува дводневна расправа во грчкиот парламент

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на собраниска седница пред расправата за недоверба на Владата, поради договорот со Македонија.

Ова е подарок во овој момент, можност од прва класа за овие два дена да разговараме со имиња за тоа кој што и кога даде. Ова го кажа грчкиот премиер Алексис Ципрас во одговорот до лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, по доставеното барање за расправа и гласање недоверба на владата.

За 18 часот по локално време, претседателот на грчкиот Парламент ја закажа седницата. Според информациите од Атина, гласањето веројатно ќе биде во сабота на полноќ.

Како што јави МИА од Атина, се очекува за време на дводневната расправа лидерите на партиите и пратениците да дебатираат околу договорот меѓу Македонија и Грција, а денешната седница на парламентот, и покрај тоа што се однесуваше на економијата и новиот пакет мерки, се претвори во дискусија и меѓусебни обвинувања за содржината на договорот. Веројатно беше само најава што ќе следи во следните, нешто повеќе од 48 часа.