Ден по антивладиниот протест, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се повикуваат на граѓаните

Митинг пред Владата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 02.06.2018

Ден по митингот пред Владата ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порача дека “граѓаните на Република Македонија му се спротиставија на Зоран Заев и неговите антидржавни политики”. Од СДСМ пак наведуваат дека “по изгубени 11 години, Македонија нема време за губење, а дека граѓаните немаат уште еден живот да му го доверат на некој нов Никола Груевски, со кого еднаш веќе расчистија”.

“Граѓаните вчера покажаа дека не му се плашат на Зоран Заев и неговиот криминален картел и дека мислат дека треба да се стави крај на неговото уништување на државата” наведоа од опозициската партија.

Од таму го повторуваат барањето за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските.

Од СДСМ претходно го оценија ваквото барање како блеф и тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжуваласо исти манири на потценување на граѓаните, на нивната свест и совест.

“Нема никаква разлика - Мицкоски продолжува прецизно по патот на Груевски и за жал повторно одбива да им се извини на граѓаните за пустошeњето што ВМРО-ДПМНЕ го вршеше врз Македонија цели 11 години. После изгубени 11 години, Македонија нема време за губење. Граѓаните немаат уште еден живот да му го доверат на некој нов Никола Груевски, со кого еднаш веќе расчистија” пишува во соопштението на СДСМ.