СДСМ: Барањето за предвремени избори на Мицкоски е блеф

Архивска фотографија- седиштето на СДСМ

Како и на секој митинг на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 12 години, повторно се слушнаа истите пораки за поделби на ваши и наши, за враќање назад, оценија од СДСМ по синоќешниот протест на опозициската партија.

Според СДСМ Мицкоски повикал Македонија да се врати назад, во темното минато на, како што пишуваат, криминалот, корупцијата, осиромашувањто на граѓаните, на газењето на човековото достоинство, на оддалечувањето на земјата од европските вредности..

“Од јавна говорница денеска Христијан Мицкоски бранеше насилници под превезот на патриотизмот. Мицкоски треба да знае дека неговата партија треба да се качи на вагата на правдата. Криминалот не може да биде патриотизам колку и да викаш гласно”, наведуваат од СДСМ.

Според владејачката партија барањето за предвремени избори заедно со претседателските, е класичен партиски блеф на Мицкоски, кој бил соочен со слабиот рејтинг и немањето поддршка од граѓаните.

“Не е лесно да го следиш Груевски во време кога СДСМ добива огромна поддршка на локални избори со освоени 57 градоначалници. Денес, СДСМ е фаворит на било какви избори, а тоа го покажуваат и сите релевантни истражувања на јавното мислење. Поддршката на граѓаните е силно изразена за владејачкото мнозинство, за СДСМ, и за претседателот Зоран Заев” реагираат од СДСМ.