Неизвесен разговорот на Заев и Ципрас

Архивска фотографија- премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас 17.05.2018

Останува неизвесно дали и кога македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас телефонски ќе разговараат и дали како што беше најавувано може да се дојде до решение за спорот и нивна средба во Преспа. До ваквиот развој на ситуацијата дојде откако неименуван претставник на грчката Влада, како што пренесена грчката агенција АНА-МПА изјави дека изгледало како да се оддалечува можноста за договор во следните денови за решавање на спорот со името.

Според истиот претставник на грчката влада се оддлечува и можноста за телефонски разговор меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас.

“ПЈРМ очигледно сe уште не е подготвена да се одговори на она што беше договорено во Брисел меѓу двајцата министри за надворешни работи. Според тоа можноста за договор во текот на следните денови се чини дека се оддалечува”, рекол претставникот на грчката влада.

По ова македонската Влада повика на одговорно политичко однесување на двете страни.

Во овие моменти не треба да се подлегнува на шпекулации. Одговорното политичко однесување на сите политички фактори во двете земји е од најголема корист и во интерес на изнаоѓање решение”, велат од македонската влада.

Премиерот Заев, вчера во македонското Собрание побара од опозицијата да не шпекулира за разговорите за името.

“Немојте да шпекулирате дека некој нешто прави во четири очи. Зоран Заев секогаш кога разговарал соопштувал во јавноста. Никола Димитров секогаш кога разговарал соопштувал во јавноста. Секој документ што е создаден на формален состанок стои во архивите, на МНР, во Влада, кај претседателот на државата”, рече премиеротЗаев.

Вчера претседателот Ѓорге Иванов побара од премиерот да му го достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите.

“Во недостиг на клучни документи, а со цел обезбедување на поширок консензус за прашањето за името, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го охрабрува претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев да ги достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите”, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.