Протести во 13 грчки градови за заштита на „грчкиот карактер на Македонија“

Фотографија од последните масовни протести во Грција „за одбрана на терминот Македонија“

Во среда на 6 јуни, во 19,30 часот, ќе се одржат 13 паралелни протести за „грчкиот карактер на Македонија“ во 13 градови од северниот дел на Грција.

Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики, се местата каде организаторите, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, ги повикуваат граѓаните да излезат на собир за да се „спречи криминалот со предавање на името на Македонија на фалсификаторите на историјата“.

„Ако некои во грчкиот Парламент сакаат да ѝ се спротивстават на народната волја не треба да има ни најмал сомнеж дека тие ќе се соочат со народниот бес“, стои во повикот од организаторите - „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, објавен на социјалните мрежи.