МПЦ да се преименува во Охридска архиепископија и да се врати во канонски рамки

Во рамки на надлежностите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе тоа што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија, соопштија од Вселенската Патријаршија, откако добиле барање и писмо од македонскиот премиер Зоран Заев.

Ова барање Светиот синод на Вселенската патријаршија го разгледало на вчерашниот состанок, јави МИА.

„Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање поддржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ, господинот Зоран Заев, за преземање иницијатива од Вселенската Патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија и одлучи да се разгледа и да го стори тоа што треба врз основа на условите, што не можат да се прекршат, на историските и канонските надлежности и прерогативите на Вселенскиот патријарх“, соопштија од Вселенската Патријаршија.

Ова го потврди и грчката Влада, преку одговор на Кабинетот на премиерот Алексис Ципрас до опозицијата во кое се вели:

„Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската Патријаршија да се спроведе потребното за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија" од името на црквата на нашите северни соседи“.