Девет години затвор за поранешниот помошник-министер Поповски за случајот „Триста“

Обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО побара притвор за осудениот Поповски за да се спречи негово евентуално бегство

Поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски е виновен за злоупотреба на службена положба и овластување и доби казна затвор од девет години, пресуди денес Кривичниот суд по случајот „Триста“ на СЈО.

Судијката Добрила Кацарска рече дека на Поповски му се судело за злоупотреба на службената положба и овластување и, како што рече, „неспорно е дека Поповски ја донел и потпишал одлуката за јавна набавка на 300 возила. Набавката на возилата била поделена во три лота, и наместо најповолниот економски понудувач, Поповски склучувал договори со други фирми за набавка на возила“.

Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи побара​ притвор за Поповски за да биде спречено негово можно бегство.

Во случајов била нанесена штета од 27.894.522 денари.​

„Судот цени дека Извештајот за постапката бил спротивен на Законот за јавна набавка и Поповски не смеел да го прифати. Овде предметот најповолна понуда не е запазен“, рече судијката Кацарска.

Поповски е еден од обвинетите и во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот на Владата за 600 илјади евра.