Катругалос - Блиску сме до договор, но ништо не е договорено ако не се договори сѐ

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос

На средбата со посредникот Метју Нимиц ќе се разговара за сите прашања, затоа што се наоѓаме на чекор пред постигнување договор, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, во интервју за државната телевизија ЕРТ, но додава дека едно прашање влијае на друго и затоа не можеме со сигурност да говориме за договор и дека „ништо не е договорено, ако не се договори сѐ“.

„Постојат имиња на масата од господинот Нимиц, познати се имињата, но на средбата на министрите за надворешни работи падна и последното име предложено од скопската страна. Сега кога ќе се сретат во Њујорк двајцата министри за надворешни работи, во координација со Нимиц паралелно ќе се разговара за сите прашања затоа што се наоѓаме точно на чекор пред да постои договор“, објаснува Јоргос Катругалос во интервјуто.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот министер за надворешни работи одби директно да го коментира последниот предлог за „Република Илинденска Македонија“, објаснувајќи дека не сака и нема да спомене ниту една точка од преговорите, „затоа што преговорите не се водат преку медиумите“, но повтори дека во однос на името Грција бара географска или временска одредница, но и да има две конкретни карактеристики.

„Секој договор се разгледува како пакет. Тоа значи дека ги разгледуваш предлозите еден по еден дел. На пример, името треба да има две карактеристики. Треба да го разликува грчкиот и историскиот карактер на нашата Македонија од соседната земја и второ да не содржи елементи на иредентизам“, вели Катругалос.

Тој додава дека идеално за Грција би била географска или временска одредница, „но и овие работи се прашање на толкување“.

Говорејќи за постигнатиот напредок, Катругалос го спомена прифаќањето на ерга омнес име и уште еднаш го повтори неговиот став дека е воздржан оптимизам за можноста за договор.