Утре пресуда за "Поткуп", во среда за " Тенк"

Премиерот Зоран Заев пред Основен суд Скопје 1, на судење за случајот „Поткуп“.

Кривичниот суд во понеделник ќе ја објави пресудата за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, a во среда ќе биде објавена и пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“.

На минатото рочиште обвинителката побара наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп.

Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес во кој е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра. Тој изјави дека се работи за монтиран случај.

Во среда треба да биде објавена пресудата и за предметот „Тенк“ кој се однесува на набавката на мерцедесот. СЈО на последното рочиште побара Судот да го прогласи за виновен поранешниот премиер Никола Груевски и побара казна затвор, која според кривичното дело е од 1 до 3 години.

Обвинетиот Груевски наведе дека овие судски процеси се класично политички.

Во „Тенк“ е обвинета и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.