Лидерска средба за името

Архивска фотографија. Лидерска средба на државно-политичкиот врв за предлозите за решавање на проблемот за името со Грција.

Во Клубот на пратениците во Скопје денеска треба да се одржи лидерска средба на која премиерот Зоран Заев ќе ги информира претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.

"Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, на претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста" рече Заев, вчера најавувајќи ја лидерската средба.

Присуството на средбата го потврди македонскиот претседател Ѓорге Иванов, од чиј кабинет вчера соопштија дека тој на средбата очекува да биде информиран за суштината и за деталите од разговорите во процесот за надминување на разликата околу името.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа во изјава за медиумите потврди дека ќе учествува на средбата и истакна оти ставот по однос на евентуален договор партијата ќе го каже по нејзиното завршување, откако ќе ги има сите информации.

Oд кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас најавија дека во претседателската палата во Атина тој ќе го извести претседателот Прокопис Павлопулос за текот на преговорите околу името.

Изминатите два дена во одредени медиуми се појави информацијата дека најновиот македонски предлог за името во преговорите со Грција бил „Република Илинденска Македонија“.

Од кабинетот на Ципрас, соопштија дека ако нема ерга омнес и уставна ревизија, дискусијата за било какво име е празна содржина.