Партиите се согласија да работат на реформи за работата на Собранието

Архивска фотографија-Собраниска седница

Претставниците на партиите во македонското Собрание на првата средба во рамки на дијалогот „Жан Моне“ која се одржа во Охрид постигнаа согласност за промоција и придвижување на интегративниот процес кон ЕУ, се согласија за спроведување институционални реформи.

Во заклучоците усвоени од разговорите уште се наведува нивната подготвеност кон негување на духот на дијалог и компромис, како и зајакнување на легислативните и надзорните капацитети на Собранието.

“Со цел да се задржи реформскиот моментум, се согласивме да воспоставиме механизам за имплементација кој би обезбедил постигнатиот политички консензус да се проследи во соодветните тела на Собранието”, се наведува во заклучоците од состанокот.

Делегациите на парламентарните партии во рамки на првиот состанок од „Жан Моне“ дијалогот постигнаа консензус по четири клучни области од работата на Собранието и тоа потребата од изготвување Етички кодекс за однесувањето на самите пратеници во и надвор од Собранието, реформи на Деловникот на Собранието за што би била формирана работна група, соодветни мехамизми за имплементација на договореното во рамки на дијалогот, што исто така би го спровела работна група за реформи и работа на Собрание, како и натамошна соработка на административно ниво меѓу Собранието и Европскиот парламент, што би вклучувала и размена на најдобри практики и техничка експертиза.

Првиот работен состанок во рамки на процесот Дијалог Жан Моне инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан ќе биде заокружен со вечера на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од БЕСА Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеј Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.