Почна судската постапка за „Титаник 2“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска почна судската постапка во предметот „Титаник 2“, за изборни нерегуларности од локалните избори во 2013 година. По воведното излагање на специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, судењето беше прекинато и презакажано за 22 мај.

Во овој предмет на СЈО обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Претходно, денеска рочиштето беше два пати одложувано поради барањето на обвинетите Бедредин Ибраими и Мендух Тачи, бидејќи немале превод на обвиненијата на албански јазик. Откако судијата Огнен Ставрев за два часа го обезбеди преводот, судењето продолжи со излагање на фактите на обвинителката Фетаи.

Волјата на обвинетите произлегувала од центрите на политичка моќ, кои имале монопол на влијание врз своите членови, истакна Фетаи во воведот. Во текот на постапката ќе се испитуваат сведоци, ќе се преслушуваат и аудио снимка. Ќе се докаже дека обвинетите ги сториле кривичните дела, рече Фетаи.

Според „бомбите“ што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори.

На денешното рочиште присутни беа сите обвинети.