Уште две лица добија притвор за случајот со штитеничката од Домот за деца „25 Мај“. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка за уште двајца македонски државјани инволвирани во предметот. По предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје на осомничените им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Тие се товарат дека сториле кривично дело - Трговија со дете, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 12 години. Осомничените иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе биле корисници на сексуални услуги и друг вид екплоатација од малолетното лице.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги написите во врска со овој случај отвори предмет по допрен глас.
Претходно за случајот беше приведена жена за подведување на штитеничката од Домот.