Дојран должи 150.000 евра на Европската комисија

Архивска фотографија- Дојранско езеро

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој во Брисел учествува на заеднички состанок на македонските општини со европскиот Комитет на Региони, најави дека на следната владина седница ќе бара помош за долгот што го има општина Дојран кон Европската комисија.

„ Локалните единици во Македонија се соочуваат со неколку предизвици во процесот на евроинтграција, меѓу кои е финансиската стабилност на општините', порача министерот Фазлиу за МИА, посочувајќи го примерот со Дојран кој и должи 150.000 евра на Европската комисија за нереализиран проект од областа на прекуграничната соработка.

Поради овој долг Македонија се соочува со опасност да не и бидат доделени средства за техничка помош за реализација на програмата за прекугранична соработка од страна на ЕК.

Министерот Фазлиу посочи дека од делегацијата на ЕУ во Скопје му порачале оти општина Дојран одбила да го врати долгот во дванаесет рати како што било предложено од страна на ЕК и дека се бара од државата да биде гарант.

„Побарав во делегација да остават простор да го отворам прашањето на наредната седница на Влада и да се види дали може од финансии да најдат механизми,во ребаланс да ни дадат пари па да се види во договор со општината да се помогне. Поради Дојран, ако не се плати долгот, може и да ни ги скратат средствата за техничка помош за реализација на програмата“, изјави Фазлиу за МИА.