Помпео пристигна во Саудиска Арабија

Архивска фотографија-државниот секретар на САД Мајк Помпео на самитот , а земјите членки на НАТО во Брисел, 27.04.2018

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави Мајк Помпеo за време на својот престој на Блискиот исток ќе бара од меѓународната заедница воспоставување на нови санкции за оние кои помогаат за иранската ракетна програма, вели висок функционер. Брајан Хук, виш политички советник кој патува со Помпео, вели дека ќе бараат од државите ширум светот да воспостават санкции против поединци и ентитети кои се поврзани со иранската ракетна програма. Помпео, кој на позицијата државен секретар дојде оваа недела, пристигна во Ријад како дел од посетата на Блискиот исток во чии рамки ќе ги посети и Ерусалим и Аман. Тој таму пристигна откако во Брисел учествуваше на самитот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.