Шчербак - Мит е дека НАТО ќе и донесе мир и стабилност на Македонија

Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак.

Рускиот амбасадор Олег Шчербак говорејќи пред студентите од Факултетот за безбедност порача дека секоја држава има сопствен избор за градење на националната безбедност, без разлика дали тоа е со членство во НАТО или воена неутралност. Тврдењата дека членството во НАТО на Македонија ќе и донесат мир и стабилност, тој ги оцени како мит.

Според него, секоја земја треба самостојно со референдум и почитување на волјата на мнозинството да одлучи за членство во сојузи. Тој посочи дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот.

Шчербак тврдењата дека Македонија се наоѓа на линија на огнот меѓу САД и Русија ги оцени дека се во насока на изолација на двата народи и зголемување на русофобијата.

„Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база“, изјави Шчербак.