Карапетјан ќе ја извршува премиерската функција во Ерменија

Првиот вицепремиер на Ерменија Карен Карапетјан ќе ја извршува должноста премиер по оставката на Серж Саркијан. Одлуката е соопштена попладнево, по вонредната седница на Кабинетот на министри, со која претседаваше Карапетјан, се вели во соопштението на владината прес-служба. Тој цитираше повеќе закони, меѓу кои и законот за структурата и овластувањата на Владата, според кој доколку премиерот е отсутен или е спречен да ги извршува неговите обврски, неговите работни задачи ги извршува првиот потпретседател.

Саркијан, кого Парламентот на 17 април го избра за премиер, денеска поднесе оставка по неколкудневните масовни протести против неговото назначување на оваа функција. Демонстрантите на улици излегоа поради спорна измена на уставен амандман кој во 2015 година извршната власт ја пренесува од рацете на претседателот во раце на премиерот. Именувањето на Саркијан за премиер е дел од ерменската транзиција кон систем што намалува овластувања на претседателот и јакне премиерски овластувања додека критичарите сметаат дека таа измена на Саркијан ќе му овозможеше доживотно да ја води државата.