Делницата Демир Капија-Смоквица пуштена во употреба

Градежни работи на делницата Демир Капија-Смоквица

Делницата Демир Капија – Смоквица, која е во должина од 28,2 километри денеска беше пуштена во употреба, при што патувањето на тој потег по автопатот „Пријателство“ ќе се скрати за 25 минути.

На свеченоста беше истакнато дека на делницата се очекува годишно да поминат по 730.000 возила, а побрзото и побезбедно патување треба да придонесе за развој на економијата и поголема соработка на регионот и негова интеграција со европскиот пазар.

На отворањето на делницата присуствуваа премиерот Зоран Заев, генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон, како и грчкиот министер за транспорт и инфраструктура Кристос Спиртиз и економски министри во Владата. Денешната церемонија го означи и почетокот на кампањата „ЕУ за тебе“ за инвестиции на Унијата во транспортната инфраструктура.