Уапсен лидерот на опозициските протести во Ерменија

Полицијата го уапси лидерот на протестите во Ерменија, Никол Пашанијан

Лидерот на протестите во Ерменија Никол Пашанијан е уапсен во Ереван и однесен во полициска станица. Тој беше уапсен набргу по пропаѓањето на разговорите со премиерот Серж Саркисјан.

Претходно, Саркисјан го напушти состанокот со лидерот на протестите, обвинувајќи ја опозицијата за „уцена“.

„Дојдов да разговараме за вашата оставка“, му рече Пашинијан на премиерот на почетокот на состанокот во хотелот Мериот во Ереван.

„Ова не е дијалог, ова е уцена“, рече Саркисјан по што го напушти состанокот на кој беа присутни и медиумите.

Саркисјан рече дека Пашинијан, чија коалиција освоила „само шест или седум проценти од гласовите“ на парламентарните избори, нема право да зборува во име на народот ѝ да и поставува ултиматуми на владата.

Пашинијан тврди дека премиерот изгубил допир со реалноста и повика на граѓанска непослушност и помасовни протести ширум земјата.

Во Ерменија веќе десет дена се организираат протести против именувањето на Саркисјан за премиер, откако претходно 10 години беше претседател. Стотици опозиционери се уапсени на протестите.