Извори од ЕУ - Датум за преговори дури и без решен спор за името

Земјите-членки на Европската унија сакаат Македонија да добие датум за почеток на преговори најдоцна во јули годинава.

Повикувајќи се на дипломатски извори, дописничката на МИА од Брисел, јавува дека бугарското претседателство би сакало датумот да биде доделен во јуни додека со ЕУ се уште претседава Бугарија, но доколку тоа не е можно, најголемиот дел од земјите-членки на ЕУ сакаат датумот да биде доделен најдоцна во јули, под австриско претседателство, „дури и да не е целосно решен спорот за името, но ако е на пат да биде решен“.

Кај земјите-членки преовладувала „многу позитивна“ атмосфера кон Македонија и реформскиот напредок во државата.

„Толку е позитивна атмосферата што би било тешко за Грција да блокира одредување датум за преговори и доколу Грција блокира тоа ќе биде лошо за неа“, велат дипломатски извори од важна земја-членка на ЕУ.

Според изворите, повеќе земји-членки, меѓу кои и најголемите, посакуваат датум за старт на преговори да им се додели во пакет на Македонија и на Албанија, чии реформски напредок исто така наиде на многу позитивни реакции во Брисел.